Важен чекор до прекрасен тревник
Најубавата декорација на секоја градина е прекрасен тревник. Една од основните работи коишто треба да ги направите за прекрасен изглед на вашиот двор е одржување на тревникот.
Одржување на тревникот не подразбира само косење и наводнување, туку вклучува и користење на одредени ѓубрива, потоа во кој период од годината се нанесуваат, колку често се коси и колку често се наводнува тревникот, плевење, кога треба да се помине со гребло...
Кога зборуваме за косење на трева сметаме дека тоа е толку едноставна работа, вклучување на косилката, поминување преку целиот тревник и готово.
Првата работа за која би се запрашале е на која висина е добро да се коси тревата?
Сите косилки имаат прилагодување на висината, и тоа не е случајно зошто е така.
Зошто треба да се коси тревата повисоко?
Повеќето луѓе сметаат дека тревата треба да се коси ниско, тоа му дава поубав изглед на тревникот, но ако косите високо, тоа ќе направи неколку различни работи.
Повисоката трева ќе ја засени почвата што ќе го спречи никнувањето на семето на плевелот а исто така сонцето потешко ќе продре до почвата и ќе спречи нејзино побрзо сушење, односно влагата ќе се задржи подолго. Дополнително, подолгите листови на тревата имаат повеќе клетки за фотосинтеза и хранење на растението.
Колку високо треба да ја косите тревата? Прилагодете ја висината на косење да биде најмалку 7 cm и повеќе.
Најголема грешка е кога се коси тревата многу ниско. Кога велиме многу ниско тоа е пониско од 7 cm, а токму оваа должина е вистинското зеленило на тревата, тоа е местото каде растението ја складира својата вода и ако го косите високо ќе биде потолерантно на суша и нема да морате да го наводнувате тревникот толку често. Колку повисоко ја косите тревата толку подлабоко ќе растат корените на тревата. Како општо правило корените на тревата ќе одат три пати подлабоко отколку што е висината на косениот дел.
Можете и сами да направите споредба ако еден дел од тревникот го искосите на 5 cm висина, а друг дел на 8 cm висина. Ќе забележите дека повисоката трева има темно зелена боја и кај неа коренот е многу подлабок отколку кај пониската трева.
Да заклучиме, за поздрав и поубав тревник, прилагодете ја висината на косење во горните два степени на вашата косилка. Не ставајте на најниско или на претпоследниот степен на висина.
Следно е колку често се коси тревата? Косете еднаш неделно, не е потребно почесто косење. Или правило е да не отстранувате повеќе од 1/3 од висината на тревата. Секако, не оставајте подолги периоди на растење.
Следно нешто што треба да проверите е дали ножот на косилката е доволно остар. Ако косите со недоволно остар нож, тој има тенденција да ја кине тревата наместо да ја сече што дозволува одредени болести да ја загрозат тревата. Острете го ножот на секои 4 косења.
Никогаш не косете кога е влажно. Многу луѓе се во искушение веднаш по дожд да влезат во тревникот и да го искосат. Но, тоа е навистина лошо за тревата, предизвикува кинење на стеблата на тревата и исто така им овозможува на болестите да ја загрозат тревата.
Отсекување на рабовите покрај тротоар се прави под агол од 90 степени наместо под агол од 45. Ако рабовите се отсечени под агол од 45 степени има можност да се развие ползечка трева.
На крај, многу луѓе ја користат корпата за собирање на трева за да ги соберат искосените остатоции потоа да ги одложат на депонија. Остатоците од искосената трева содржат азот и тоа е всушност ѓубриво што ќе му помогне на тревникот да преживее. Овие остатоци содржат бактерии кои се корисни и за почвата и додаваат дополнителна огранска материја назад во тревникот.
Совет пред се е кога го косите вашиот тревник користете косилка за малчирање и вреќичка, не ги ставајте остатоците во кеси.
Секое следно косење, препорака е да ја смените насоката на косење, од косење трева во должина во косење во ширина. Тоа ќе помогне тревата да не се турка во иста насока.
Повремено чистете го плевелот така што ќе го извадите од тревникот заедно со неговиот корен. Ако ова не го правите, набрзо плевелот ќе се рашири низ тревникот и ќе ја уништи тревата. Побарајте совет од стручни лица за одржување тревници, како најефикасно може да се справите со плевелот низ тревникот.
На крај, секако дека е важно и каков тип на трева имате. Трева за голема изложеност на сонце, трева за под сенка, трева која трпи почесто газење и сл. Преземете соодветно одржување за секој тип на трева.
Само совесно и правилно одржување на тревникот ќе ни даде свеж, зелен тревник со еднаква густина.
Размислете: Можете на почеток да го имате најубавиот тревник, но ако не го одржувате правилно, многу брзо ќе се уништи.